Во Чешка отворена е изложба „Истребување на Македонците“

Од денеска до 2 август во барокниот замок Линхартови и чешкиот градот Крнов е поставена изложба насловена „Interitus Macedonum“ („Истребување на Македонците“) по повод 75 години од егзодусот на децата бегалци од Егејска Македонија, а во организација на македонскигте заедници во Чешка и во Полска.

Во замокот е поставена изложба од Георги Дуртаноски која вклучува уметничка инсталација на отворено со 20.000 црвени стапалки кои ги симболизираат крвавите стапалки на децата прогонети од своите домови во Егејска Македонија со испишано име и презиме на секое протерано дете заедно со името на неговото родно место со македонски топоним.

Во Крнов во 1948 и 1949 беа сместени најголем број македонски деца кои ја напуштиле својата родна земја.

Перформансот на Дуртаноски вклучува и изложба на фотографии и предмети од децата-бегалци, а во изложбените витрини се сместени нивни лични предмети – клучеви од нивните домови во кои никогаш не се вратија, торби за леб, ѓумчиња за вода, камчиња од нивните куќи/цркви во кои биле родени или крстени, капсули со вода од македонските реки во Егејска Македонија итн.

Носечки елемент на овој дел од изложбата е „метлата за етничко чистење на Македонците од кралицата Фредерика“ претставена со црвена метла овенчана со круна и хемиската формула на напалм-бомбите.

Изложбата ја отворија градоначалничката на градот Албрехтице Јана Мурова и Димитри Кирјаковски, истакнат македонски деец од Костур кој во 1948 година на пртгодишна возраст најпрво бил згрижен во детските домови во Полска и подоцна во Чешка.