Собранието ги донесе Буџетот за 2020 година и Законот за извршување на Буџетот од 2020 година во рамки на денешната расправа по дневниот ред на 125-тата седница. Буџетот за идната година изнесува 3,9 милијарди евра, приходите се планирани на 3,6 милијарди евра, расходите на 3,9 милијарди евра, а буџетскиот дефицит е предвиден на ниво од 2,3 отсто.

Капиталните инвестиции се проектирани на ниво од 23,6 милијарди денари, економскиот раст се предвидува да биде 3,8 отсто, а инфлацијата да се држи на ниско ниво од 1,7 отсто.

Во десетдневната амандманска расправа за Буџетот во матичната комисија за финасирање и буџет беа усвоени 12 амандмани кои станаа составен дел на Буџетот. Во текот на расправа и во комисијата и на пленарната седница која траеше пет работни денови опозицијата рече дека буџетот е неразвоен и претставува предизборно купување на граѓаните, а владејачките партии истакнаа дека е во согласност со растот на домашната економија и е во насока на фискална стабилизација.

Во своето експозе министерката за финансии Нина Ангеловска рече дека во фокусот на буџетот за 2020 година се инвестиции во човечкиот капитал, односно подобар здравствен, образовен и социјален систем и силна поддршка за раст на реалниот сектор, како и поддршка на домашната економија, продолжување на инфраструктурните проекти, поттикнување нови инвестиции и работни места, зголемен доход за домаќинствата со раст на платите и пензиите.

Растот на приватната потрошувачка е проектиран на 3,3 проценти, а на јавната два процента. Бруто-инвестициите е предвидено да се зголемат за осум проценти на реална основа. Позитивен придонес врз растот на инвестициите се очекува да имаат планираните инвестиции на јавниот сектор, посебно тие во патната инфраструктура, странските инвестиции во технолошко индустриските развојни зони, како и постојаната поддршка на инвестициската активност на домашните и странските претпријатија, поддршката на иновативната дејност и технолошкиот развој.

Проекцијата за реалниот раст на извозот на стоки и услуги изнесува 8,3 проценти придвижен од извозот на новите индустриски капацитети ориентирани кон извоз, поддржан и од мерките за поттикнување на извозот и освојувањето на нови пазари. Проектираниот раст на домашната побарувачка и извозната активност условуваат пораст на увозот на стоки и услуги, којшто во 2020 година се очекува да изнесува 8,7 проценти. Проекцијата за раст на бројот на вработени изнесува 2,1 процент, а на просечната нето-плата 6,3 проценти на номинална основа. Дефицитот на тековната сметка на платниот биланс се очекува да остане низок во износ од 1,2 процента од БДП.

Даночните приходи за 2020 година се планирани во износ од 130,1 милијарди денари. Најголемо учество во даночните приходи има данокот на додадена вредност и тоа 42,8 проценти, додека на акцизите отпаѓаат 22,2 процента. За социјални придонеси се одвојуваат 67 милиони денари.