Борбата против аерозагадувањето има резултати, смета заменик министерот за животна средина Јани Макрадули. Тој на денешната прес-конференција го анализираше бројот на денови во скопските општини, онаму каде има мерни инструменти, а каде има надминувања на среднодневни концентрации над граничните вредности.

„Ако зборуваме за максималната среднодневна концентрација, и покрај тоа што минатата недела имаше магла и 0 km/h ветер, немавме екстреми како 288, 329, 446 во минатото. Максималните беа 124, 120, во споредба со минатите години, кога биле и 326, 329, 340, 352 во Центар.

Дали е доволно ниско, не. Но трендот на намалување е видлив. Некои ќе се повикаат на времето, климатските промени, но факт е дека намалувањето е и резултат на заедничка акција на сите. Резултат на зголемената свеста кај граѓаните, која е на највисоко ниво до сега и е дополнителен поттик за оваа влада. Граѓаните, особено помладите и користат превозни средства кои не загадуваат и сепарираат отпад, но и ги убедуваат своите родители да не се греат на дрва“, изјави Макрадули.
Тој вели дека ова е прва Влада што не бега од темата за аерозагадување. Факт е дека оваа година има значително намалување на бројот на денови со надминати среднодневни концентрации на РМ10, рече тој.

„Сведоци сме на редовни, 24 часовни, построги инспекции од страна на надлежните институции. За прв пат се фаќаат сторители кои палат кабли или стрништа, кон нив се поднесуваат соодветни пријави. Координираната инспекција драстично ги намали примерите на илегални палења. Во градот Скопје има повеќе зеленило, ослободени дрва, поставувани се зелени бариери помеѓу пешаците/велосипедистите и возилата, нови паркови, зелени кровови“, посочи Макрадули.

Набројувајќи ги мерките кои се преземени, тој истакна дека голем придонес дал и Планот за чист воздух, прв стратешки документ донесен од некоја влада која директно се справува со изворите на загадувањето.