За само 2.5 години, Карпош сега е урбана и зелена општина

Прес конференција, Стефан Богоев, градоначалник на Општина Карпош

Почитувани граѓани, претставници на медиумите,

Две години Карпош пулсира во духот на урбаното, зеленото и домаќинското работење. Секојдневно работиме на надоместување на изгубеното зеленило и заштита на животната средина.

Затоа, изминатиов период засадивме повеќе од 300 висококвалитетни дрвја, рамномерно по сите урбани заедници. Започнавме со чистење на децениските депонии и веќе ги затворивме критичните точки кај мостот „Газела“, во близина на С.Ц. „Борис Трајковски“, во Злокуќани, кај фудбалското игралиште, како и депонијата во Бардовци, покрај течението на реката Лепенец.

Започна изведбата и на еден од најголемите проекти во мојата програма, Спортско – адреналинскиот парк, кај алпинистичката карпа, долж Кејот на реката Вардар. Тука ќе добиеме ново зеленило, нови игралишта за спорт, детски парк, сквер и адреналински содржини. По изведбата на овој дел, продолжуваме со уредување на зеленилото до бунарите на реката Лепенец.

Јавниот простор го хуманизираме, а не го узурпираме! Потврда на ова е и новото инклузивно игралиште во Влае 2, до платото „Делфина“, новиот урбан парк – скер меѓу Тафталиџе 2 и Нерези, парковите за миленици долж Кејот на Вардар и Влае, фитнес зоните во Карпош 4 и под алпинистичката карпа…

Добивме нов објект на градинка во Тафталиџе 2, како и целосно нова градинка во Бардовци. Се грижиме за сеопфатна детска заштита и инклузивно основно образование. Затоа отворивме и сензорни соби за ученици со попреченост во „Димо Хаџи – Димов“ и „Вера Циривири – Трена“, а на вакви простории работиме и во „Лазо Трповски“ и „Аврам Писевски“.

Карпошани купуваат по пониски цени во повеќе од 250 бизниси во Карпош, благодарејќи на картичката Мој Карпош, која беше дел од изборната програма.

Целосно е обновено игралиштето „Сокол“, во Карпош 1, а го рестартиравме и истоимениот меморијален турнир кој е симбол на маалската дружба. Во делот на спортската инфраструктура, создадовме и нови терени во училиштата „Војдан Чернодрински“ и „Јан Амос Коменски“, а ја саниравме и спортската сала на „Владо Тасевски“.

Продолжуваме со подобрување на инфраструктурата. Нов лик добија улиците „Даскал Камче“, „Њуделхиска“, „Варшавска“, „Трифун Бузев“ и „Карпошово востание“. Градот Скопје пак целосно ги обнови улиците „Московска“, „Љубљанска“ и голем дел од булеварот „Партизански одреди“.

Во претстојниот период целосно сме фокусирани на обнова на спортската сала „Партизан“, во Карпош 4. Ова е култен спортски објект, кој повторно ќе биде со намена за спорт и рекреација.

За највозрасните, го подготвуваме проектот за Хумани патроли – бесплатна здравствена заштита и нега во нивните домови. Исто така, во процес сме на решавање на проблемот со паркирање, со тоа што ќе организираме анкета – граѓаните да одлучат дали се за регулација или не.