Што може да очекувате ако пешачите по 30 минути секој ден?

Џес Бентлман одлучила да пешачи по половина час секој ден во текот на еден месец.

„За еден месец забележав разлика во телото, но и во умот. Првите две недели одев надвор и прошетките ме ослободуваа од притисокот од вежбањето во теретана. Излегував од дома и почнав да размислувам појасно. Го придвижив телото и крвта ми се раздвижи. Следните две недели одев на лента за трчање во теретана со наклон од 12 проценти. Тој наклон и поголема брзина на лентата за трчање ми го засилија ефектот. Тоа 30-минутно одење на лента за трчање на нагорнина е многу потешко отколку што мислите и навистина го буди телото – предизвикува потење и помага за тонирање на мускулите и зајакнување на јадрото. Се разбира, овие прошетки беа потешки од моите побавни прошетки на отворено, но сепак беа остварливи и не ми наметнаа притисок како интензивните тренинзи што вообичаено ги правам во теретана“, рече таа.

Студијата спроведена на Универзитетот во Канзас покажа дека лесните аеробни вежби, како што е одење, го спречуваат раниот почеток на деменција и го намалуваат ризикот од Алцхајмерова болест, која погодува 35 милиони луѓе ширум светот. Лекарите предвидуваат дека тој број ќе се удвои во следните 20 години.

Пешачењето е аеробна активност, што значи дека го зголемува нивото на кислород во крвта и помага да се елиминираат токсините. Поради подлабоко дишење, некои симптоми поврзани со белодробна болест може да се ублажат.