Докази за најстарата шума во светот, која датира од пред 385 милиони години, се откриени во напуштен каменолом во американската држава Њујорк, пишува во новата студија објавена во научното списание „ Current Biology “.

Откритието е лоцирано на околу 60 километри јужно од градот Албани. Досега, научниците ја сметале најстарата фосилизирана шума во Гилбоа, исто така во Њујорк, но оваа постара за два или три милиони години и драматично се разликува.

Вработен во  Државниот музеј во Њујорк беше првиот што ја забележа големата структура во форма на корен на дното на каменоломот. Кристофер Бери, коавтор на студијата и палеоботиничар од универзитетот Кардиф во Велика Британија, изјави за Си-Ен-Ен дека бил малку скептичен кога за прв пат ја посетил локацијата. Мислел дека тоа може да биде современо дрво кое растело во карпа, а подоцна било исечено. По поблиска проверка на примероците од почвата, истражувачите брзо потврдија дека станува збор за нешто многу постаро.