Нови чартер летови од Манчестер и Лондон до Охрид

Македонија е помалку позната дестинација за туристите во Обединетото Кралство, но тоа почнува да се менува – рече претставник на авиокомпанијата ТУИ што ќе ги реализира летовите.
На Меѓународниот аеродрoм Св. Апостол Павле во Охрид денеска слетаа првите патници од Манчестер и од Лондон (Гетвик), Велика Британија, со што се означи отворањето на овие две нови сезонски авиолинии на британската авиокомпанија ТУИ-УК – информира аеродромскиот оператор ТАВ Македонија.

Новововедените сезонски летови од Манчестер и Лондон ќе ги има по еднаш неделно, во периодот од 31. мај до 20. септември. Летовите ќе се изведуваат со авионите Боинг 737-800, со капацитет од 189 седишта. Според ТАВ Македонија, се очекува околу 6.000 британски патници да пристигнат во Охрид од овие две нови дестинации во текот на летната сезона.

Патниците можат да ги резервираат своите авиобилети за овие чартер летови преку веб-страницата на ТУИ.

– Македонија е помалку позната дестинација за туристите во Обединетото Кралство, но тоа почнува да се менува. Ќе испраќаме два лета неделно до охридскиот аеродром за време на летната сезона, давајќи им одличен избор на клиентите во северниот и јужниот дел на Обединетото Кралство – изјави Крис Логан, извршен директор во ТУИ.

ТАВ Македонија го заврши првиот квартал од 2023 година со 753.377 патници на двата аеродрома, во Скопје и во Охрид, што е зголемување за 44 отсто во однос на истиот период од 2022 година, односно и зголемување од 9 отстот во однос на 2019 година, која се смета за референтна година во воздухопловството, со оглед на кризата со ковид-19. Во истиот период, бројот на летови на двата македонски аеродрома изнесувал 6.010, што е 4 отсто повеќе од 2019 година.