Кошаркарите на Мајами Хит го совладаа Бостон Селтикс

Кошаркарите на Мајами Хит го совладаа Бостон Селтикс со 103-84 во решавачкиот седми натпревар од финалето на Источната конференција и со тоа се пласираа во големото финале на НБА лигата со вкупен резултат 4-3.
Во „мајсторката“, тимот предводен од големата ѕвезда Џими Батлер, кој овојпат постигна 28 поени, славеше сигурна победа и се пласираше во финалето. Мајами имаше водство од 3-0 пред да загуби три последователни натпревари од Бостон, но Селтикси не успеаја да станат првиот тим во историјата на НБА кој во оваа фаза направил пресврт и од 0-3 се пласирал во финалето.

Споменатиот Батлер беше најистакнатиот актер на мечот со 28 поени, седум скока и шест асистенции, кои заедно со претходните одлични партии му ја донесоа титулата МВП на финалето на Источната конференција, која го носи името на легендарниот Лери Бирд. Голема поддршка имаше во Кејлеб Мартин, кој запиша „дабл-дабл“ од 26 поени и 10 скока. На другата страна најефикасен беше Браун со 19 поени, осум скока и пет асистенции, Вајт запиша поен помалку, а голема несреќа имаше Џејсон Тејтум, кој се повреди уште во првата минута,, но сепак ја продолжи средбата и покрај видливите проблеми. Натпреварот го заврши со 14 поени.

Во финалето, победниците на Истокот веќе ги чекаат шампионите од Западната конференција, Денвер Нагетс. Големото финале започнува ноќта меѓу четврток кон петок, а првиот натпревар е закажан во Денвер од 02:30 часот. И вториот натпревар е во Денвер, па серијата се сели во Мајами. Евентуалниот седми дуел ќе се игра во Денвер.