Граѓаните како единствен спас од загадувањето од воздухот гледаат во маските за заштита. Сепак со оглед на тоа што на сѐ повеќе места низ градов може да се купат заштитни маски, оправдано се наметнува и прашањето дали сите тие и колку се ефикасни.

Медицинските експерти велат дека со одбирањето несоодветна маска граѓаните прават погрешен чекор и, наместо да го заштитат своето здравје, го доведуваат во поголем ризик.

Кога станува збор за загадениот воздух, упатените објаснуваат дека има повеќе видови загадувачки супстанции, а едни од најопасните се ПМ-честичките. Тие се штетни по човековото здравје затоа што се толку мали што може да влезат во дишните патишта, да продрат длабоко во телото и да предизвикаат разни заболувања, дури и смрт. ПМ 2,5 честичките се поштетни, затоа што се многу помали од ПМ 10 честичките и може подлабоко да навлезат во човечкиот организам. Поради овие причини, медицинските лица препорачуваат во периодите на екстремно загадување задолжително да се носи соодветна маска. Но на што треба да внимаваат граѓаните кога купуваат маска за заштита од загадување?

Медицинските експерти велат дека со одбирањето несоодветна маска граѓаните прават погрешен чекор и, наместо да го заштитат своето здравје, го доведуваат во поголем ризик.

Според креаторите на апликацијата „Мој воздух“, користењето хируршки маски не може да заштити од ваквиот вид загадување.

– Маските против загадување треба да се наменети за спречување на загадувањето на организмот, а хируршките маски од десет денари таква заштита. Треба да имаат сертификат FFPx/N9x и доколку некоја маска го нема, не купувајте ја – наведуваат „Мој воздух“.

Според извршените истражувања, постојат повеќе видови заштитни маски со различни ознаки. Маските со ознаката FFP95 или N95 заштитуваат 95 проценти од честичките во воздухот, N99 заштитуваат 99 проценти од честичките, додека N100 штитат 99,97 проценти од честичките во воздухот. Сите овие маски штитат од честички, но важно е да се напомене дека не ги елиминираат мирисите од издувните гасови. Исто така има маски со променливи филтри, со еден или два филтри, за еднократна употреба, за повеќекратна употреба. Нивната цена варира, од 200 денари нагоре. Маските што содржат активен јаглен и ги имаат овие ознаки исто така се доста ефикасни.

Според едно истражување во саудиски весник за биолошки науки од 2017 година, активниот јаглен е порозен материјал, кој може да привлекува нестабилни хемикалии на молекуларно ниво, но не отстранува поголеми честички. Процесот на апсорпција при употреба на активиран јаглерод мора да достигне рамнотежа, така што може да биде тешко целосно да се отстранат загадувачите. Но доколку се користи во комбинација со друга технологија на филтрирање, поефикасно апсорбира хемикалии. Истражувањето сепак покажало дека активниот јаглен е најефективен за апсорбирање на загадувањето од сулфурните честички.