Младиот талент Фран Гарсија се враќа во Реал Мадрид

Екипата на Реал Мадрид успеа да слави во натпреварот со градскиот ривал Рајо Ваљекано со 2-1, но еден од главните „актери“ на теренот беше левиот бек на гостите Фран Гарсија.

23-годишниот лев бек игра феноменална сезона во дресот на малиот мадридски клуб и не случајно го привлече вниманието на многу големи клубови од цела Европа. Се претпоставуваше дека тој по истекот на сезоната ќе замине во Барселона, но тренерот на „кралевите“ Карло Анчелоти го најави неговото враќање во клубот каде што ја започна својата кариера.
Дон Карло веднаш по натпреварот со Рајо изјави дека Гарсија „се враќа во своето јато“ и дека Реал Мадрид веќе го обезбедил потписот на талентираниот фудбалер. Соиграчот на нашиот Столе Димитриевски сезонава настапи на 36 натпревари во Примера и забележа два гола и три асистенции. Неговата визија за фудбалот и прегледноста на теренот, како и способноста за додавање точни и прецизни топки, се само дел од богатата „лепеза“ на квалитети што ги поседува. Реал одамна е во потрага по квалитетен лев бек откако сезонава имаше сериозни проблеми на таа позиција, па се чини дека трансферот на Фран Гарсија може да биде идеално решение за следните сезони.

Гарсија беше дел од младинските школи на Реал, потоа замина на позајмица во Рајо, по што беше откупен неговиот договор. За Рајо Ваљекано досега настапи на 70 натпревари и се наметна како еден од главните поединци во тимот. Тој сега се враќа во најголемиот мадридски и европски клуб и сигурно го очекува светла иднина во дресот на „кралевите“. „Трансфермаркт“ ја проценува неговата вредност на околу десет милиони евра, а таа сума воопшто не би требало да претставува проблем за Реал Мадрид.