Елон Маск: Наскоро ќе има импланти за човечкиот мозок

Одобрувањето го даде Управата за храна и лекови на Соединетите Американски Држави (ФДА), а станува збор за чипови-импланти кои се наменети да им овозможат на инвалидите повторно да бидат мобилни, со поврзување на мозокот и компјутер.

Neuralink сè уште нема намера да ги покани оние што би волонтирале да учествуваат во тестирањето. Претходните обиди на Маск да започне со тестирање беа неуспешни.

ФДА претходно го одби барањето за тестирање поради загриженост за безбедноста. Компанијата на Маск се надева дека ќе помогне во лекувањето на состојби како парализа и слепило. Чиповите, кои беа тестирани на мајмуни, се дизајнирани да ги интерпретираат мозочните сигнали и да ги пренесуваат преку Bluetooth.

Најавено е дека тестовите ќе бидат опсежни со цел да се надминат технолошките и етичките предизвици и на крајот чиповите да бидат што пошироко достапни. Neuralink, која е основана во 2016 година, постојано ја преценуваше брзината на развојот на овие чипови.

Првичната цел беше да се започне со нивно вградување во човечкиот мозок во 2020 година, но тогаш беше кажано дека тоа ќе се случи во 2022 година. Компанијата ги отфрли обвинувањата дека наштетила на благосостојбата на животните за време на тестирањето.

Најавата на Neuralink за тестирање на мозочни чипови на луѓе следи по неодамнешното соопштение на швајцарските истражувачи за исти такви мозочни чипови.

Имено, објавено е дека парализиран Холанѓанец можел да оди благодарение на чип кој безжично ги пренесува мислите на неговите нозе и стапала, јавува BBC.