Ракетен напад на болницата во Днипро од страна на Руската војска

Едно лице е убиено, а 15 се повредени во руски ракетен напад врз болница во градот Днипро, објави украинскиот претседател Володимир Зеленски, пренесува „Гардијан“.

„Руските терористи уште еднаш го потврдуваат својот статус на борци против сè што е хумано и чесно. Ракетен напад на клиника во градот Днипро. Засега едно лице загина, а 15 се ранети. Последиците од гранатирањето се расчистуваат, а жртвите се спасуваат. Вклучени се сите потребни служби. Моето сочувство до семејството на починатиот. Овие нелуѓе мора да ги победиме неповратно и што поскоро. Затоа што нашето време е нашиот народ. А нашиот народ е најскапоценото нешто во Украина“,
Днипро во текот на ноќта бил цел на продолжен ракетен напад. Украинските сили тврдат дека собориле десет ракети и 25 беспилотни летала лансирани на нивна територија од Русија.

На социјалните мрежи се појавија снимки од погодената болница на кои се гледаат повредени луѓе меѓу урнатините на објектот. Автентичноста на објавените видео-снимки, како што споменуваат агенциите, засега не може да биде потврдена од независни извори.
Гувернерот на Днепропетровската Област, Серхиј Лисак, споделувајќи фотографии од медицинската установа во Днипро, изјави дека меѓу повредените има и две деца.