Американскиот геолошки институт покажа дека Њујорк просечно тоне од еден до два милиметри годишно поради тежината на облакодерите и другите згради

Новото истражување на Американскиот геолошки институт покажа дека Њујорк просечно тоне од еден до два милиметри годишно поради тежината на облакодерите и другите згради, а некои делови тонат многу побрзо.

На прв поглед ова не е загрижувачко, но експертите ги загрижува фактот што овој процес го прави „Големото јаболко“ исклучително ранливо на природни катастрофи, пишува New York Post.

Еден од нив е водачот на истражувањето и геолог Том Парсонс од Геолошкиот институт на Соединетите Американски Држави, кој вели дека студијата покажала дека областа на Долниот Менхетен, како и Бруклин и Квинс, се особено загрозени.

Тој и неговите колеги ја пресметале кумулативната маса на повеќе од милион згради и процениле дека е околу 764.000.000 тони, а потоа ја поделиле целата површина на области од 100 квадратни метри за да го пресметаат притисокот врз основата на секоја зона.

Потоа ги споредиле нивните пресметки со сателитски снимки кои можат да ги мерат промените во висината на површината на земјата, по што ги мапирале отчитувањата преку нивните проценки низ градот за да го споредат нивниот модел со податоците од реалниот свет.

Градот со околу 8,4 милиони жители се соочува со опасност од поплави бидејќи во таа област ризикот од покачување на нивото на морето е три до четири пати поголем од светскиот просек долж брегот на Атлантикот на Северна Америка, се наведува во извештајот на експертите.