Пристигна првиот чартер лет во Охрид со туристи од Холандија

рвиот авион со 180 холандски туристи денеска пристигна на охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“. Четири чартер лета неделно од Холандија и два од Велика Британија се најавуваат за оваа сезона, кои ќе донесат околу 18.000 патници до почетокот на октомври. Најавени се и линии со полски тур-оператор, како и поголем број кружни патувања.

„Задоволни сме што повторно сме тука и што интересот на Холанѓаните е навистина голем, за што потврда е целосно исполнетиот прв лет. Mакедонија е особено интересна дестинација за туристите од Холандија. Се надеваме дека ова лето ќе се вратат бројките од 2019 година, која беше најдобрата“, изјави Аријан Kерс, генералниот директор на „ТУИ Холандија“.

Угостителството и туристичкиот сектор имаат проблеми со недостигот на работна сила. Тоа, како што велат туристичките работници, ќе се одрази на квалитетот на услугите. Васко Коциров, директорот на партнерска агенција на „ТУИ“, вели дека мора заеднички да се работи за да се подобри состојбата.

„Хрватска е магнет за многу луѓе, кои работат за повисока плата, но по 12 часа дневно, без слободен ден. Младите треба да се мотивираат, пред сè, со високи плати за да останат во државата“, смета тој.

За директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ), Љупчо Јаневски, проблемот со недостиг на човечки ресурси е краткорочен, оти одржливоста на дестинацијата се гради долгорочно со висококвалитетен кадар. Според него, моменталната состојба е рефлексија на лошото менаџирање во туристичката индустрија изминативе десет години.

„Приватниот сектор, АППТ и коморите заедно со средните училишта и факултетите мора да работат на подигање професионален и високостручен кадар, кој понатаму ќе биде максимално третиран кај нас, како и во останатите европски земји. Исто така, со европски фондови ќе овозможиме програми и обуки, но мора да се работи заеднички и да се обезбедат пристојни плати“, смета Јаневски.

Во споредба со првиот квартал на 2019, лани имало зголемување на бројот на холандски туристи за 22 проценти. Оваа година се очекуваат до 3,3 милиони ноќевања и повеќе од пола милијарда долари приход од туристичката индустрија.