Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во октомври изнесувала 25.726 денари, што е зголемување за 3,7 проценти во однос на истиот месец лани, објави Државниот завод за статистика.

Бруто-платата пак изнесувала 38.227 денари и е зголемена за 4,8 проценти во однос на октомври 2018 година.

Ваквото зголемување се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите транспорт и складирање (8,7 проценти), дејности на здравствена и социјална заштита (7,4 проценти) и уметност, забава и рекреација (6,7 проценти).

Убедливо највисока е просечната плата во секторот „компјутерско програмирање, консултантски и сродни дејности“ каде во октомври таа изнесувала 60.899 денари.

На второ место е секторот „производство на основни фармацевтски производи и фармацевтски препарати“ со просечна плата од 46.713 денари, а на третото место секторот „воздухопловен транспорт“ со просек од 45.683 денари.

Следуват секторите „финансиско-услужни дејности“ (44.345 денари) и „телекомуникации“ (40.153 денари).