Спасовски: Лажните дојави за бомби доаѓаат од интернет адреси од Иран и Русија

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во утринската емисија „Студио 10“ на Телевизија 24 рече дека полицијата е во трага на изолирана група во која се сомнева дека ги испраќа лажните дојави за поставен бомби изминатиот период, пред се во училиштата. Министерот верува дека зад ваквите закани стојат IP адреси кои водат во Иран и Русија.

– Направивме оперативен тим во која се вклучени сите институции за да имаме поинаков пристап во однос на електронските најави. Јас како министер донесов посебно упатство и се работи од петокот на тоа упатство.

Интензивно работиме на откривањето на сторителите, имавме неколку откриени во некои случаи, а сега имаме изолирана поголема група во која очекувам да имаме конкретни и ефикасни резултати по овој сегмент.

Последните неколку денови мејловите водат кон IP адреси во Иран, Русија и VPN адреси на кои исплатите се извршени со криптовалути, што уште повеќе ја отежнува таа дејност, рече Спасовски.

Мотивот, според Спасовски, се геополитички причини и бизнис интереси.