ФОТО: Овој македонец има 1 милијарда евра богатство

Илија Гечев, сопственикот на компанијата „ИГМ трејд“ од Кавадарци, е единствениот милијардер во Македонија, објави српскиот магазин „Недељник“, кој првпат ја состави листата на 100-те најбогати луѓе во регионот. „Недељник“ вели дека листата не покажува колку пари имаат бизнисмените на сметките, туку колку вредат нивните компании и колку пари потенцијално би можеле да добијат ако ги продадат денес.

Гечев се наоѓа на 18. место на оваа листа, со проценето богатство од 1.054.946.440 евра. Со него се затвора кругот на милијардери во поранешна Југославија, што го предводи хрватскиот „крал на осигурувањето“ Дубравко Гргиќ, кој има богатство од 2,84 милијарди евра.

„ИГМ трејд“ постои од 1994 и важи за една од најголемите извозни компании во Македонија. Произведува челични и заварени цевки и профили и во оваа област е една од најголемите фирми во југоисточна Европа.

„Недељник“ ја состави листата на 100-те најбогати луѓе во регионот во соработка со две реномирани консултантски фирми кои работат на њујоршката берза. Со исклучок на Гечев, меѓу најбогатите 20-мина се наоѓаат само бизнисмени од Хрватска и Србија.

„Недељник“ заклучува дека листата покажува дека и натаму важи некогашната југословенска поделба на развиени и неразвиени, бидејќи економиите на Црна Гора, БиХ и Македонија се далеку зад оние на Хрватска, Србија и Словенија. Нееднаквоста е најизразена во Црна Гора, каде што имотот на петтемина најбогати вреди 1,7 милијарди евра, што е 35,4% од БДП, додека во Македонија ова изнесува 23,9% од БДП.

ПРЕЗЕМЕНО: СДК.мк