Зечевиќ: Ние од СДСМ сме тие кои секогаш ги носиме големите одлуки

Ние, социјалдемократите, сме знаменосците на големите државнички одлуки, на големите државни идеи, рече вечерва генералниот секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ -Вардарски на трибината „Силно и одлучно кон иднината” во Скопје.

– Ние сме весниците на прогресот, гласници на напредокот. Горди наследници на плеадите револуционери, преродбеници, просветители, илинденци, социјалисти и антифашисти. Горди корени на македонскиот пиреј низ историјата, како наследници на непокорот, како носители на факелот на слободата. Така било, така и ќе биде! – рече Зечевиќ.

Во 91-та година СДСМ застана гордо за Македонија, во борбата за место под сонцето во светската заедница на рамноправни народи. Еве нè денес, 31 година потоа! Го чекориме патот на европските интеграции, ја трасираме иднината на Европска Македонија – како врвна национална и државна цел, додаде Зечевиќ.

Генералниот секретар на СДСМ потсети на улогата на СДСМ од независноста до денеска и на значењето на државничките одлуки за иднината на земјата.

– Мора да бидеме свесни за нашиот државотворен придонес и значењето на секој социјалдемократ вграден во него. Во светот живеат околу 650 етнички групи, народи, нации. А, постојат само 193 држави! Само една третина од овие народи направиле сопствена и самостојна држава. Ние се вбројуваме во тие државотворни народи на светската мапа што успеале. Сме се избориле за сопствена држава, иако, многу пати во историјата геополитичките односи не ни биле наклонети! Тоа немаше да биде возможно без мудроста на нашиот Киро Глигоров. Немаше да биде возможно без СДСМ и сите државнички одлуки од независноста па се’до денес. Ние, македонските социјалдемократи секогаш сме ги носеле тешките одлуки во тешките времиња за Македонија. Од мирното осамостојување на државата, меѓународното признавање и етаблирање, интеграцијата во глобалните сојузи, па се до почеток на преговорите со ЕУ – рече Зечевиќ.

Нашата социјалдемократска политика денес е суштинска интеграција во Унијата: за подобар живот со почитување на сите обележја што го прават Македонецот тоа што бил низ историјата, тоа што е денес и тоа што ќе биде во иднина, рече генералниот секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ на националната трибина „Силно и одлучно кон иднината” вечерва во Скопје.

Зечевиќ рече дека борбата на сегашните македонски генерации е политичка борба за интеграција на нашиот уникатен македонски идентитет во европскиот.

– Ова е времето кога ја зокружуваме државноста со нејзино издигнување на повисоко ниво, целосно етаблирана на светската мапа на суверени држави, рамноправна како нераскинлив дел од европското семејство! Ние имаме голема патриотска должност – да ги детерминираме и да ги поставиме новите магистрали, новите столбови врз коишто ќе почива иднината на Европска Македонија. Тоа е новото време и новата реалност. Тоа е современиот патриотизам за Европска Македонија! Ние мора да сме на големата маса кога се креираат новите политички доктрини. Македонецот не смее да ги повтори грешките од минатото други да решаваат за неговата судбина и за неговата иднина – рече Зечевиќ.

Низ трновитата македонска историја, многу страдања и премрежиња се поминати, многу животи дадени, многу огништа згаснати, судбини уништени, огромни жртви се дадени низ македонската историска епопеја, потсети Зечевиќ.

– За тоа, сите треба да бидеме свесни: не смееме да си го дозволиме луксузот и да ја пропуштиме шансата што ја имаме како нација во овој нов историски моментум – рече генералниот секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ.

Генералниот секретар Зечевиќ истакна дека популизмот и лажниот патриотизам станаа опасен дел од секојдневните политики на политичките опоненти кои се во заложништво на радикални ликови.

– За жал, тоа стана дел и од реториката на луѓе кои до скоро беа во нашите редови. Нивната политичка агонија и неодговорност во клучен историски момент, премногу ја труе денешната македонска политичка сцена. Го враќаат Македонецот постојано назад, сè уште да се чувствува како жртва. Врие од ликови кои за интересите на туѓи бели дворови сакаат одново да го заглават македонскиот народот. Подготвени се да минираат сè и да го разнесат европскиот пат. Македонецот да остане надвор од интеграциите, други да му бидат газди, да му судат и пресудуваат. Ние не смееме и нема да го дозволиме тоа! Да кажеме НЕ за нови делби, да кажеме НЕ за нови лажни пророци! Да кажеме ДА за обединување, за обединување во најширока смисла – национална, меѓунационална, политичка и државна! Тоа е врвот на современиот патриотизам – посочи Зечевиќ.

Тој порача дека СДСМ нема да прави компромис за иднината, дека е одбран патот на просперитетот.

– Наместо да лелекаме над судбината, сами да ја креираме. Заедно, со кренати глави, горди, достоинствени и обединети да го креираме современиот наратив на новата европска Република. Ние го одбравме патот на просперитетот, на иднината, на Европска Македонија во европското семејство. Рамноправна, достоинствена, силна, рамо до рамо со сите национални обележја за коишто мечтаеле генерации и генерации Македонци – порача Зечевиќ.

На овој наш пат, додаде генералниот секретар, се сретнуваме и ќе се сретнуваме со пречки кои често изгледаат непремостливи, најчесто на штета на партискиот рејтинг.

– Не беше воопшто лесно. Нема да биде лесно и понатаму. И нема да печалиме дневнополитички поени. Ние тоа го знаеме и никогаш не калкулираме! Но, нема да има компромис за иднината! Како булдожер ќе го прегазиме секој кој што ќе се попречи на тој пат – порача Зечевиќ на трибината во Скопје.