Еврокомесарот за проширување Вархеи во Скопје

Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи денеска треба да  допатува во Скопје.

Предвидено е Вархеи да има средба со премиерот Зоран Заев на која ќе стане збор за напредокот во процесот на евроинтеграција на земјите од Западен Балкан. Се очекува во фокусот да биде надминувањето на бугарската блокада за старт на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ.

Од ЕК посочуваат дека еврокомесарот Вархеи е во комуникација со сите релевантни страни во однос на дискусијата за почеток на преговорите со Северна Македонија и Албанија што е можно поскоро.

Вархеи минатата недела беше во Бугарија каде што со претседателот Румен Радев и техничкиот министер за надворешни работи Светлан Стоев разговараше за отстранување на бугарската блокада за почеток на преговорите на Северна Македонија со ЕУ.

Посетата на Вархеи на Скопје следува еден ден по посетата на претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, која на разговорите со властите во земјава исто така разговараша и за спорот со Бугарија и негово надминување. Таа изрази уверување дека е можно надминување на блокадата од Софија и одржување на првите меѓувладини конференции со Северна Македонија и Албанија до крајот на годинава.

Посетата на регионот на шефицата на ЕК и на Вархеи се случуваат една недела пред Самитот ЕУ-Западен Балкан, кој ќе се одржи на 6 октомври во Словенија со лидерите од регионот. Од Европската Унија инсистираат дека овој самит нема да биде „самит за проширувањето“, туку можност да се разговара за односите на ЕУ и регионот.