ДИК до утре треба да ги добие потврдените листи на кандидати за градоначалници и советници

Утре истекува рокот во кој Општинските изборни комисии (ОИК) треба да ги достават до Државната изборна комисија (ДИК) потврдените листи на кандидати за градоначалници и советници за претстојните локални избори.

ОИК ги доставува листите на кандидат/и до ДИК поради утврдување на редоследот во единствената листа на кандидат/и. Листата на кандидатот за градоначалник, односно листата на кандидати за членови на Совет, кои се поднесени од ист подносител добиваат ист реден број во сите општини и во Град Скопје. Редоследот на кандидати во листата на кандидати, ДИК го утврдува со жрепка и тој број е ист во сите општини и Град Скопје. Во општината, односно Град Скопје каде нема да има свој претставник, соодветниот број на подносителот на листата ќе биде изоставен и на негово место ќе биде напишан редниот број на наредниот носител без оставање на празно место. Листите на кандидат/и предложени од коалиција предводена од една иста политичка партија, без разлика на бројот на политичките партии во коалицијата во различни општини, односно Град Скопје, имаат ист реден број.

Најдоцна на 22 септември, ДИК и ОИК ќе ги известат овластените претставници за одржување на жрепката. Жрепката за утврдување на единствена листа на кандидат/и ДИК ќе ја одржи најдоцна на 23 септември.

ОИК утврдената единствена листа на кандидат/и ги огласува најдоцна 23 дена пред денот определен за одржување на изборите во сите населени места и на избирачките места во општината, најдоцна на 23 септември, до 24:00 часот. Исто така ДИК утврдените единствени листи на кандидат/и ќе ги објави на својата интернет страница најдоцна 23 дена пред денот определен за одржување на изборите, односно најдоцна на 23 септември.

Од денот на донесување на одлуката за распишување на избори, политичките партии учесници во изборниот процес, потпишуваат Кодекс за фер и демократски избори. Датумот на потпишувањето го определува ОИК, а потпишувањето ќе се одржи пред почетокот на изборната кампања најдоцна до 26 септември.

Во меѓувреме течат и другите рокови. Најдоцна до 16 септември требаше до ДИК да бидат доставени податоци за лицата кои се во притвор или се наоѓаат на издржување казна затвор. МТСП, пак, доставува до Државната изборна комисија податоци за лицата кои се пријавиле за гласање во установи за вонсемејно згрижување.

ДИК вчера на 23-та седница го усвои ревидираниот роковник за претстојните локални избори, усогласен со измените и дополнувањата на Изборниот законик, донесени од Собранието, а предложени од пратенички групи од владејачкото мнозинство и од опозицијата.