Северна Македонија и Косово ја подобруваат ЕУ-перспективата со договори за соработка

Единаесетте договори и меморандуми потпишани вчера во Скопје, на првата заедничка седница на владите на Северна Македонија и Косово, треба да ја продлабочат соработката која, според оценката на премиерите на двете земји, Зоран Заев и Албин Курти, и сега е одлична и пријателска.

Договорите на кои се обврзаа министри од повеќе ресори во двете влади, се однесуваат главно на инфраструктурно поврзување што ќе ја подобри економската соработка и комуникација. Потпишани се и програми кои опфаќаат соработка на меѓугранични проекти со поддршка на ИПА-програмите на ЕУ, како и договори за соработка во енергетиката, туризмот, културата и унапредување на заедничките иницијативи во иновациите и технолошкиот развој.

Делегацијата на Владата на Косово во полн состав вчера учествуваше на првата заедничка седница со македонската влада и беше пречекана со највисоки воено-државни почести на платото пред Владата. На тет-а-тет средбата и потоа на заедничката прес-конференција, доминантна тема на двајцата премиери беше европската перпсектива на двете земји и на целиот Западен Балкан, а во нивниот разговор биле опфатени и теми за потребите на македонските и косовските граѓани.

Според премиерот Заев, за разлика од оддалеченоста на лидерите на двете земји пред 10-15 години, дијалогот сега овозможува тие да бидат повеќе од помош меѓу себе, особено на патот на интегрирање во Европската Унија.

– Верувам дека еден ден сите заедно ќе бидеме членки на ЕУ. Целиот Западен Балкан, сите шест земји, немаат друга алтернатива освен членството во ЕУ. Ако регионот повеќе соработува, Европа уште повеќе ќе почитува. Балканот веќе не е буре барут, Балканот не е темпирана бомба, туку Балкан на 21 век. Ние денес и билатерално тоа го потврдивме со Република Косово, сите наши министри, ние како премиери. Јас сум уверен дека во иднина дијалогот, дипломатијата добрата мисла, пријателството, подадената рака се иднината на европскиот дел на Балканот. Нашето место е заслужено да биде таму, како членки на ЕУ, истакна Заев на прес-конференцијата.

Република Северна Македонија, посочи Заев, е подготвена да ги сподели со Република Косово сите свои искуства од нашата интеграција во НАТО, до членството на нашиот сосед во Алијансата.

Според Заев, различните ставови со Косово во однос на иницијативата „Отворен Балкан”, во која покрај земјава се и Албанија и Србија, не е пречка за одлична соработка.

– Косово е суверена и независна држава, ги гради своите ставови и ги почитуваме тие ставови. Секое билатерално, мултилатерално договорање овде, во регионот, е апсолутно заради побрза, поефикасна иднина во ЕУ на сите наши земји, одговори Заев на новинарско прашање.

На прес-конференцијата тој истакна и дека секое унапредување на односите меѓу соседите носи стабилност и просперитет за целиот регион и токму затоа, рече, „даваме целосна поддршка на дијалогот меѓу Србија и Косово, воден од ЕУ и ќе поддржиме решение кое е прифатливо за двете страни”.

Косовскиот премиер Албин Курти го оцени како историски момент првиот состанок меѓу владите на двете земји и посочи дека сакаат што повеќе соработка и остварување на договорите на билатерално ниво меѓу Косово и Северна Македонија, а доказ за тоа, според него, е и средбата и заедничката седница меѓу двете влади.

– Ние сме ориентирани кон иднината, за нас иднината е Европската Унија. Значи ЕУ е нашата среќа, додека Европа е нашиот континент. Затоа, ние ќе ги поттикнеме сите регионални соработки, коишто за цел ја имаат ЕУ, рече Курти.

Заедничката желба покажана на средбата, за нив, рече тој, е гаранција дека тоа што е потпишано на хартија ќе биде и остварено.

– Со нашата подготвеност и сериозноста која ја покажуваме, убеден сум дека сите овие договори ќе бидат остварени, а потоа да продолжиме да ги остваруваме и другите позитивни договори коишто беа запрени. Верувам дека до крајот на нашиот мандат, нема да има потреба на крајот да зборуваме за неостварени договори, туку само за нашите заеднички достигања, на секое од полињата од овие 11 договори, рече Курти.

На новинарско прашање, косовскиот премиер на прес-конференцијата одговори дека министрите за правда на нашата и неговата земја се во директен редовен контакт и соработуваат, меѓу другото и за тоа кога и дали Косово ќе ги испорача Африм Исмаиловиќ и Алил Демири, обвинети во случајот „Монструм”. Притоа рече дека неговата Влада од минатото наследила „трагични случаи и тешки предмети, кои имале засебни и тешки процеси”.

– Но, има и други предмети коишто според мое убедување не се разјаснети докрај и за кои се уште ја немаме целосната вистина. Заедно со премиерот Заев разговаравме дека имаме потреба, не само за поддршка, туку и за меѓународна помош, како би имало правда за двете земји, но и за жртвите, како правдата би дошла до крај и се најде вистината, изјави Курти.

Со 11-те договори и меморандуми за соработка потпишани вчера во Скопје, бројот на документи со Косово од 42 се зголеми на 53, информираше вчера Министерството за надворешни работи.