Заев: Не мислам дека целата Влада треба да си поднесе оставка поради несреќата во Тетово

Премиерот Зоран Заев изјави дека не мисли оти цела Влада треба да си поднесе оставка поради несреќата во Тетово, а за понудените оставки на министерот Венко Филипче, неговиот заменик Илир Хасани, директорот и економскиот директор на тетовската болница, Флорин Бесими и Артан Етеми ќе се произнесе откако ќе заврши истрагата. Тој посочи дека нема информации до каде е истрагата.

– Прво, трагедии се случуваат насекаде во светот. И како што реков, во соопштението до јавноста, го разбирам високиот морален чин од страна на министерот, заменик-министерот, директорот и економскиот директор на болницата, како чин којшто е пред се од човечка причина, чин којшто пред се од етички, од морален аспекти и еве тие ја доставија оставката. Не мислам дека целата Влада треба да си поднесе оставка заради ова, рече Заев по отворањето на МЕФ и дополни дека сè уште нема информации од истрагата.

На прашањето дали министерот за здравство Филипче доаѓа на работа, премиерот одговори потврдно.

– Секако, негова должност е се додека не биде правно формално тргнат од неговата функција, како министерот, така заменик-министерот, директорот и економскиот директор на болницата должност им е да ја извршуваат својата функција до доаѓање на нов, рече Заев.