ЕБОР: Вистинско време за инвестирање во железницата на Западен Балкан

ЕБОР ќе продолжи да работи со државните железници, приватните инвеститори и клиентите и владите во регионот.

Железниците на Западен Балкан се на добар пат да се приспособат на железничката мрежа на ЕУ и паневропските коридори, а приоритет за регионот останува отворањето на пазарот, управувањето и интероперабилноста, изјави потпретседателот на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) Јирген Ригтеринк.

Во интервју за Еурактив и агенцијата Бета во пресрет на Железничкиот самит за Западен Балкан, кој ќе се одржи во Белград во понеделник со учество на министри од регионот, Ригтеринк рече дека ЕБОР ќе продолжи да работи со државните железници, приватните инвеститори и клиентите и владите во регионот за да се остварат тие приоритети.

– ЕБОР има амбициозни планови во регионот за подобрување на квалитетот и брзината на услугите низ железничката мрежа преку проширување на Трансевропската транспортна мрежа во согласност со стандардите на ЕУ, дополнително зајакнување на капацитетот за подготовка и имплементација на проекти и соодветно, подобрување на управувањето, како и безбедност и одржување, изјави Ригтеринк.

Во врска со плановите на ЕБОР за железницата во Србија и регионот, тој рече дека еден од најважните проекти што ќе го поддржат е реконструкцијата на делницата Белград-Ниш.

– Во тесна соработка со ЕИБ и ЕУ, преку Инвестицискиот фонд за Западен Балкан, работиме на обнова и надградба на оваа клучна железничка делница на Пан-европскиот коридор 10 со цел зголемување на брзината на возовите до 200 километри на час, со подобрување на квалитетот на патничките и товарните железнички услуги, рече Ригтеринк.

Тој додаде дека Коридорот 10 ќе ги поврзе западна Австрија и северна Грција, значително зајакнувајќи ја европската интеграција по целата рута.

Железничкиот самит на Западен Балкан 2021 година го организираат Постојаниот секретаријат на Транспортната заедница, ЕИБ и ЕБОР, под покровителство на српското Министерство за градежништво, транспорт и инфраструктура.

На самитот ќе учествуваат министри за сообраќај од регионот и земји -членки на ЕУ што се граничат со Западен Балкан, претставници на Европската комисија и професионалци од железничкиот сектор.

Целта на собирот, на кој ќе биде потпишана декларацијата „Посветеност кон железниците“, е унапредување на регионалната и европската сообраќајна политика, како и придонес за побезбеден, подобро поврзан и одржлив железнички транспорт.

Одржувањето на Самитот се совпаѓа со пристигнувањето во регионот и Белград на возот Connecting Europe Express, чие петнеделно патување по континентот ќе ја одбележи Европската година на железниците.

И Република Северна Македонија е дел од глобалниот настан Connecting Europe Express со кој се одбележува Година на железницата, соопштија од Министерството за транспорт и врски, а по тој повод на 13 септември 2021 година во 22 часот на Железничката станица Скопје ќе пристигне Европскиот воз со кој се претставува железницата како еден од најодржливиот, најбезбеден и иновативен начин на транспорт.