Пари открива: Кои се најмоќните фирми во градежниот бизнис?

ЗСФ КОМ и АК ИНВЕСТ се апсолутни лидери во градежниот бизнис во земјава. Првата остварила најголема добивка, втората најголем приход во градежниот сектор минатата година.

Според Пари и информациите од платформата БизнисМрежа.мк најголема добивка во градежниот сектор лани имала ЗСФ КОМ ДООЕЛ од Скопје. Компанијата остварила приход од 11,8 милиони евра, а имала добивка од 3,76 милиони евра. Податоците покажуваат и дека компанијта имала раст на приходите од 57,5 проценти во 2020 година во однос на 2019 година, а растот на добивката, пак, бил 45,7 проценти.

Но, најголемата компанија по добивка, не била и најголема по приход. Најголем приход остварила компанијата за градба на инфраструктура Ак Инвест. Таа минатата година остварила приход од 33,4 милиони евра и добивка од околу 908 илјади евра.

Етеми од професор по биологија до моќен бизнисмен

Во чија сопственост се двете најуспешни градежни компании во земјава? Порталот Пари ви открива ЗСФ КОМ ДООЕЛ скопска фирма е во сопственост на познатиот бизнисмен, Фатмир Етеми. Неговото име последните години е особено актуелно во јавноста.

Етеми е поранешен пратеник од 1998 до 2002 година. Според податоците од страната на македонското собрание тој бил член на Партијата за демократски просперитет на Албанците во Македонија – Народна демократска партија (ПДПА-НДП).

Активен во Партијата од 1990 година. Носител на многу партиски функции. Член на Претседателството на ПДПА-НДП. Претседател на партискиот огранок на општина Чаир, Скопје. Член на Централното собрание на ПДПА-НДП. Член на пратеничката група на Собранието на РМ за соработка со Парламентот на Република Бугарија.

Роден 1965 година во Скопје. Завршил Природно – математички факултет, биологија. Работел како професор по биологија. Бил советник во општина Чаир, Скопје.

Јавноста најмногу слушна за него кога се јави како сопственик на зградата кај Мајчин дом чија изградба ја следеа низа протести.

Изминатиов период е особено активен во ширење на своето бизнис царство. Лидер во градежништвото, а во неговиот фокус сега се Скопски Пазар и особено Комерцијална банка.

Етеми преку својата фирма ЗСФ-КОМ на први април годинава со Современ дом АД Прилеп како субјекти што дејствуваат заеднички се стекнаа со вкупно 77,44% од вкупниот број на обични акции издадени од Скопски пазар АД Скопје. Поединечно поседуваат по 38,72% од акциите.

Расте моќта на бизнисменот Фатмир Етеми и во Комерцијална банка. На 30 јуни се стекна со нови 35.637 обични акции во Комерцијална банка. Со последните акции учеството на Етеми во Комерцијална се зголеми на 3,2 проценти во основната главнина на банката.

Во сопственост на ЗСФ-КОМ е и ресторанот Опатија во Скопје.

Дел од завршените проекти на ЗСФ-КОМ се зградата во Центар кај Железничката станица две згради во Аеродром, една во Карпош, позади Сити Мол зградата Скопје Сити Гарден, елитен комплекс палата Водно, фирмата го реновирале објектот Македонска куќа на Кале. Во тек е реализацијата на комплексот Бутел.

Целата анализа прочитајте ја на Пари.