Мицкоски најави поднесување предлог до Собранието за разрешување на Филипче, за СДСМ иницијативата е голо политиканство

ВМРО-ДПМНЕ вчера најави дека доколку до вторник претпладне министерот за здравство Венко Филипче и неговиот заменик Илир Хасани не достават оставки до Собранието, партијата ќе поднесе предлог-одлука за нивно разрешување, тврдејќи дека оставките требало да ги достават до Законодавниот дом, а не до премиерот Зоран Заев. Ваквата иницијатива СДСМ ја оцени како „голо политиканство и очаен обид да се напаѓа неосновано”, наведувајќи дека согласно Уставот, член на Владата поднесува оставка до премиерот, а тој може да предложи негово разрешување, за што одлучува Собранието.

– Даваме рок до вторник рано претпладне министерот за здравство и неговиот заменик да ги достават своите оставки до Собранието, како би можело тие да бидат констатирани на почетокот на веќе закажаната нова седница истиот ден. Доколку не бидат поднесени овие оставки, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, секако со понудена соработка и на други пратенички групи и пратеници, врз основа на член 184 став 1 од Деловникот, до Собранието ќе поднесе Предлог-одлука за разрешување на министерот за здравство и заменикот на министерот за здравство, најави вчера на прес-конференција лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Тој соопшти дека предлог-одлуките за разрешување ќе бидат доставени во вторник пред одржувањето на веќе закажаната седница на Собранието, со барање да бидат ставени токму на дневен ред на ова собрансико заседание.

– Штом премиерот Заев си подигрува со Собранието и не ги доставува оставките до органот кој е надлежен, органот кој ги избрал министерот и заменик министерот, тогаш ќе одиме по оваа процедура, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.