Бајден најави одмазда: Терористите од Кабул ќе платат

U.S. President Joe Biden reacts during a moment of silence for the dead as he delivers remarks about Afghanistan, from the East Room of the White House in Washington, U.S. August 26, 2021. REUTERS/Jonathan Ernst

По нападите во Кабул, во кои загинаа 13 американски војници и најмалку 72 цивили, американскиот претседател Џо Бајден најави одмазда и продолжување на евакуацијата.

Американскиот претседател Џо Бајден одговорноста за вчерашните  бомбашки атентати во Кабул им ја припиша на припадниците на џихадистичката милиција Исламска држава, ИС-Х. К означува Хорасан, историски регион во Централна Азија кој го опфаќа и Авганистан. Тие се во непријателски односи со талибанците, сметајќи ги за „предавници“ поради склучување договори со западните сили.

Обраќајќи им се на организаторите на терористичките напади во Кабул, Бајден изјави: „Нема да заборавиме, нема да простиме. Ќе ве гониме додека да ве најдеме, а потоа ќе платите за ова.“

Бајден им издал налог на своите генерали да вршат напади врз позиции на ИС-К и е во постојан контакт со војската во врска со опциите за одговор на атентатите.

Во неколку експлозии кај аеродромот во Кабул, од кои дел се сметаат за самоубиствени напади, вчера загинаа 13 американски војници, најмалку 72 цивили, а според наводи од талибанците, и 28 нивни припадници.

Американскиот претседател во получасовното обраќање пред Белата куќа најави и продолжување на  евакуирачката мисија  според планот, до 31 август. „Нема да дозволиме терористите да нѐ запрат“, истакна Бајден. Тој дополни дека и претходно била јасна опасноста на мисијата, поради што и инсистирал на нејзино конкретно временско ограничување.