ОН: На Авганистан му се заканува глад

Директорката на Агенцијата за храна во Обединети нации, Мери Елен МекГрути изјави дека хуманитарната криза во Авганистан претставува закана за 14 милиони луѓе, кои се соочуваат со глад откако талибанците ја презедоа власта.

Таа за време на видео брифингот со претставниците на ОН во Кабул истакна дека конфликтот во Авганистан, втората најлоша суша во изминатите три години и социјалниот и економскиот удар од пандемијата со Ковид-19, ја втурнаа веќе опасната ситуација во катастрофа.

– Повеќе од 40 проценти од посевите и добитокот се загубени поради сушата, стотици илјади луѓе се раселени поради офанзивата на талибанците, а зимата брзо се приближува. Во тек е трка за да се обезбеди храна таму каде е најпотребна, истакна МекГрути, при тоа апелирајќи да сопрат судирите, а побара од донаторите да обезбедат 200 милиони долари кои се неопходни за да се достави храна во Авганистан.