Кина одбива учество во втората фаза од истрагата за потеклото на ковид-19

Планот на Светската здравствена организација (СЗО) за втората фаза од истрагата за потеклото на коронавирусот содржи јазик што не ја почитува науката и Кина нема да го следи, изјави на прес-конференција Зенг Јинсин, заменик-шеф на Државниот комитет за хигиена и здравје на Кина, пренесува агенцијата ТАСС.

– Што се однесува до предлогот на СЗО за втората фаза од истражувањето, тој содржи јазик што не ги почитува науката и здравиот разум. Ние нема да следиме таков план, рече тој.

Тој, исто така, истакна дека Кина „се спротивставува на политизирањето на истрагата за потеклото на коронавирусот и смета дека втората фаза треба да се темели на резултатите од првата фаза“.

– Кинеските власти ги поддржуваат научните истражувања, рече Зенг.

Претходно, генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, соопшти дека организацијата се подготвува за втора фаза од истрагата за потеклото на коронавирусот САРС-КоВ-2 и очекува транспарентност од кинеските власти. Тој истакна дека првата фаза се соочувала со одредени проблеми. Едниот од нив тој го нарече „пристап до податоци, особено до податоците за почетокот на пандемијата“.

Гебрејесус, исто така, не исклучи можност дека ширењето на коронавирусот било резултат на „вонредна ситуација во лабораторијата“.

Кинеското Министерство за надворешни работи во својот одговор изрази надеж дека експертите на СЗО за време на новата фаза на истражувањето ќе посветат поголемо внимание на теоријата дека коронавирусот бил донесен во Вухан со замрзната храна и не се појавил како резултат на лабораториско протекување.