Вашингтон и Берлин постигнаа принципиелен договор за контроверзниот гасовод „Северен тек 2″, според кој САД ќе дозволат овој проект да заврши без да воведат нови санкции за Германија и Русија.
Според помошниците на членовите на американскиот Конгрес, кои се запознати со нацрт-договорот, САД и Германија за возврат ќе направат одредени отстапки кон Украина и Полска, двете држави што силно се спротивставуваат на гасоводот, но во моментов не е јасно дали Киев и Варшава ќе се согласат со тоа.
Според американско-германскиот договор Украина би добила заем од 50 милиони американски долари за технологии темелени на зелената енергија, гаранција за надомест на парите за транзитната такса за гасот што земјата ќе ги изгуби поради новиот гасовод, до 2024 година, и ветување од Берлин и Вашингтон дека санкциите повторно ќе бидат разгледувани како опција доколку Русија го користи гасот како политичко оружје, изјавија соработниците на членовите на Конгресот.
Што се однесува до концесиите за Полска, Германија ќе се согласи да биде дел од таканаречената „Иницијатива на трите мориња”, што за цел има да ги зајакне инвестициите, развојот на инфраструктурата и енергетската безбедност меѓу земјите што излегуваат на Балтичко, Црно и Јадранско море.