Последниот ден од Г7 лидерите ќе разговараат за климатските промени

На последниот ден од самитот лидерите на Г7 ќе разговараат за борбата против климатските промени.

“Заштитата на нашата планета е најважната работа што можеме да ја направиме како водачи. Постои директна врска помеѓу намалувањето на емисиите, враќањето на природата, создавањето работни места и обезбедувањето долгорочен економски раст”, рече британскиот премиер Борис Џонсон кој е домаќин на самитот на Г7.

Денес, лидерите треба да ја повторат својата заложба за намалување на емисиите на штетни гасови до 2030 година и за укинување на државната помош за централите на јаглен оваа година.

На самитот во саботата беше презентиран инфраструктурен план за земјите во развој, кој треба да се натпреварува со кинеската иницијатива „Појас и пат“ вреден неколку илјади милијарди долари.

Лидерите на Г7 изразија надеж дека планот познат како иницијатива Изгради го подобриот свет ќе понуди транспарентно партнерство и финансиска помош до 2035 година за земјите во развој.

Американскиот претседател Бајден, кој учествува на самитот Г7 и е во прва посета на Европа, денеска ќе се сретне со британската кралица Елизабета Втора во замокот Виндзор.

Г7 се состои од САД, Канада, Јапонија, Германија, Велика Британија, Франција и Италија.