Шест градови во државата без ковид-19

Министерот за здравство Венко Филипче во синоќешното гостување во емисијата „Само вистина” на телевизијата Канал 5 рече дека епидемиолошката слика во земјава е добра и нема простор за загрижување кај граѓаните и воедно дека нема ризик за организирање на семејни прослави и културни настани во текот на ова лето.

– Засега треба да сме спокојни. Заради тоа се и попуштањата на мерките. Но, треба да бидеме претпазливи, бидејќи овој вирус е непредвидлив. Будно ја следиме состојбата. Важно е дека и покрај тоа што има одредени бранови во некои земји, нема смртни случаи. Вакцината штити од тешка форма на болеста и смрт. Ако продолжиме со ова темпо, полицискиот час ќе се укине, а се очекува да имаме концерти ова лето, семејни прослави. Нема ризик за организирање на такво нешто, нагласи министерот Филипче.

И вчерашната ковид-статистика говори за стабилизирање на пандемијата. Вчера беше регистрирано само едно лице починато, 18 новозаразени од 2.411 тестирања и 31 оздравен. Во болниците останаа уште 121 хоспитализирани ковид-пациенти, од кои 48 лица во главниот град, и има околу 500 празни болнички кревети.

Во Скопје вчера имало вкупно три приеми. Два примени пациенти имало во ковид центарот во ГОБ „8 Септември” и еден на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во текот на вчерашниот ден.

Во болницата во Битола се хоспитализирани седум ковид-пациенти, во Штип пет лица, во Тетово се лекуваат уште двајца пациенти болни од Ковид-19, во Велес се лекуваат 11, а во Куманово 15 пациенти, во Охрид се хоспитализирани седум пациенти, во Прилеп тројца, во Гостивар осум, а во Струга четири болни. Во болницата во Струмица хоспитализирани се девет пациенти, во Кичево двајца, а во Кавадарци и во Гевгелија нема хоспитализирано лица позитивни и суспектни на коронавирусот.

Досега во земјата се направени вкупно 823.776 тестирања на Ковид-19.

Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 155.487, бројката на оздравени пациенти е 149.582, на починати е 5.468, а бројот на активни случаи изнесува 437. Од активните случаи, најмногу се во Скопје – 208, потоа следи Куманово – 50, Прилеп – 32, Тетово-20, Кичево – 20. Во другите градови се под 20. Шест града се без активен случај и тоа: Кавадарци, Пробиштип, Богданци, Демир Капија, Пехчево и Дојран.

И покрај смирувањето на епидемијата, Министерството за здравство будно ја следи состојбата поради појавата на индискиот сој на вирусот, кој изминатиот период го зголеми бројот на новозаразени во некои земји, меѓу кои и Велика Британија. Министерот за здравство уверува дека вакцините штитат од која било мутација на вирусот, и очекува до крајот на летото, да биде вакцинирано 60 отсто од населението, со што граѓаните на државата ќе се стекнат со одреден колективен имунитет.