Последици од пандемијата: Вкупно 7.500 изгубени работни места во изминатата година

Вкупно 7.500 работници останале без работни места во вториот и третиот квартал изминатата година во споредба со истиот период во 2019 година. Најголем дел од изгубените места се помеѓу ниско платените работници без формален писмен договор за вработување што покажува дека работниците кои и пред пандемијата биле несигурни односно ранливи се силно погодени. Ова беше истакнато на денешната панел дискусија „Ранливите работници по корона-тобоган“.

Деспина Туманова од Фајнанс Тинк изјави дека воедно во четвртиот квартал од 2020 и првиот квартал од оваа година е забележана блага стабилизација и намалување на невработеноста на пазарот на труд.

-Сепак мора да бидеме внимателни прво од аспект на тоа што веќе ефектот од владините мерки пополека се исцрпува и второ што лицата кои во екот на панмдемијата се обесхрабрија да бараат работа се уште не се повторно активирани на пазарот на труд. Нашето истражување покажа дека во текот на пандемијата забележани се и две позитивни тенденции на пазарот на труд прво згаснаа речиси 47.000 ниско платени работни места, но тие не се изгубени туку го надминаа прагот за ниско платени кои што изнесува околу 13.000 денари пред се поради растот на минималната плата во изминатиот период, но и воведените владини субвенции на придонеси за зголемување на платите кои што беа воведени во 2019 година. Втората позитивна тенденција и можеби позначајна е што во текот на пандемијата згаснаа повеќе од 14.000 неформални работни места кои што не се изгубени туку формализирани со цел искористување на владините мерки за заштита на работните места, поточно мерката за субвенционирање на платата, формализацијата на работните места се вршеше најчесто преку договори на определено работно време па затоа Владата треба да воведе механизнми за нивно задржување и евентуално претворање во договори на неопределено работно време, изјави Туманова.

Претседателот ССМ, Дарко Димовски потврди дека најголем губиток на работни места се оние со договори на определено време.

-Ние како Сојуз на синдикати на Македонија во новиот закон за работни односи преговараме и се бориме договорите на определено време да траат најмногу една година баш поради овие причини и ќе застанеме на тој став и тие договори да може да се продолжуваат во годината максимум двапати бидејќи не може во едно претпријатие само директорот и менаџерот да бидат пријавени на неопределено време, а сите останати работници да бидат со договори на определено време. Така работникот не може да си ја планира иднината, нема здравствено осигурување, и затоа тој бара решение во Европа односно во ЕУ затоа и добар дел на квалификувани добри работници ја напуштаат нашата држава, потенцира Димовски.