Стотици граѓани излегоа на вториот протест за чист воздух кој беше под мотото „Марш за нашите животи! СТОП за 3.500 жртви од загадениот воздух!“

Граѓанските здруженија и активистите овој пат организирано поддржани и од многубројните студентите и средношколците, го започнаа масовниот протест кој почна утрово кога учениците од средните училишта ја бојкотираа наставата како форма на револт против високото аерозагадување. И покрај бројните закани и заплашувања кон учениците и бројните реакции во јавност и младите се приклучија на маршот.

Протестот против загадувањето започна од пред зградата на Министерството за животна средина и просторно планирање, од каде се упатија пред Собранието, а маршутата ја завршија пред Владата. Како и на првиот протест, на протестот избоилуваа досетливи и креативни транспаренти, а учесниците извикуваа „Сакаме да дишеме“, „Сакаме воздух сега“, „Нема воздух, нема мир“, „Воздух, а не профит“, „Долу профитери“.

Претставниците на над 30 граѓански здруженија од целата земја, кои на Владата ѝ дадоа прв рок до 31 декември да исполни повеќе од 100 нивни барања поврзани со животната средина изјавуваат дека со протестот сакаат да ја предупредат Владата дека недоволно се ангажира за исполнувањето на барањата од претходниот протест. Тогаш, Владата прифати да исполни седум барања и од кои до сега се исполнети само мал дел.

– Остануваме на улиците за да потсетиме на нашите барања, затоа што ова е прашање на живот или смрт и не смее да се чека ниту момент повеќе. Умираме во илјадници годишно од загаден воздух. Мутираме, пренесуваме на поколенијата болести поради сеопфатната загаденост во која живееме, во која се раѓаат нашите деца. Нема компромис со барањето за чист воздух! Нема изговори за непреземањето на мерки! Нема пауза во борбата за здрава животна средина! Ова е Марш за живот!, изјавија од Зелен фронт.