Русковска за Призма: И да сакаат не можат да ме сменат

Шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Русковска, е една од највозрасните и најактивни во ова Обвинителство, која во последниве години „спакува“ неколку високопрофилни случаи како „27 април“ и „Рекет“, пишува Призма.

Како вовед за интервјуто со Русковска, Призма пишува дека таа за разлика од нејзините претходници не одбива да дава изјави и да соработува со медиумите и јавноста.

„Откако премиерот Заев изјави дека не ѝ верува во случајот Рашковски и по смената на нејзиниот најблизок соработник, Лазе Велковски, БИРН ја праша за односот со власта, за тоа што истражуваат во ТВ Алфа, зошто не отвораат истрага за македонскиот дел од случајот ‘Јовањица’, за застојот во ‘Скопје 2014’. Нецели три години од стапувањето на функцијата, за успех го смета отворањето истраги за актуелни високи функционери, а информациите дека се подготвува смена на кормилото во Организиран, тврди дека се без основа“,пишува Призма.

Русковска не ја засегаат пишувањата дека смената на првиот човек на Одделот во МВР за дела од организираниот криминал, Лазе Велковски, е навестување за нејзина скорешна детронизација. Уверена е дека тоа се шпекулации.

„Според новиот закон за јавно обвинителство, не постои опција кој било шеф на обвинителство да се смени поради нестручност и некомпетентност. Сега не постои таква можност. Кривично дело немам направено, барем јас не знам дека сум направила, така што сметам дека и да сакаат да ме сменат, нема можност“, вели Русковска за Призма.

За самиот Велковски вели дека размислува пак да го ангажира хонорарно, доколку дозволат средствата.

Коментирајќи ја изјавата на премиерот Зоран Заев дека во неа нема доверба за предметот со Рашковски, Русковска практично го опомена.

„Политичарите за постапки што се водат во Обвинителство или во суд не треба да коментираат. Нашиве политичари никако да го разберат тоа“, вели таа.

Според неа, таквите изјави можат да создадат впечаток во јавноста дека се одлучува под притисок. На премиерот, пак, не му е првпат да каже јавно дека не е задоволен од неа. Така, на пример, во 2019 година, од говорницата во Владата изјави дека едно време и нему „не му се допаѓала“.

Сепак, смета дека Заев не говорел оти е генерално незадоволен од неа, туку дека реакцијата била само за еден предмет.

Целото интервју прочитајте го на Призма.