Еко свест: За да ги постигнеме стандардите во животната средина мора да се вложува во овој сектор

Изнаоѓање на потребните механизми за формирање национален фонд за животна средина е приоритет на проектот „Зајакнување на улогата на граѓанските организации во донесување на одлуки преку застапување за воспоставување на фонд за животна средина”, кој е предвиден да се реализира до април 2022 година од страна на Центарот за истражување и информирање за животна средина Еко-свест, Скопје.

Во соопштение од Еко-свест денеска порачаа дека за да ги постигнеме стандардите во животната средина кои ќе овозможат благосостојба и заштита на ресурсите, Северна Македонија мора да вложува во овој сектор. Креирање на фондот за животна средина преку системско собирање на еко-таксите на едно место, како што појаснуваат, ќе го обезбеди потребниот буџет за активностите и мерките за заштита на животната средина и природата и воедно ќе наметне поголема контрола на трошењето на парите, бидејќи досегашното користење на еко-таксите беше нетранспарентно.

-Со фондот С. Македонија ќе биде во состојба посветено да работи и на реставрација на уништените предели и екосистеми, што е еден од главните механизми за борба со климатските промени и обезбедување одржлива иднина, истакнува во пишана изјава извршната директорка на Еко-свест, Ана Чоловиќ Лешоска.

Конкретна цел на проектот е информирање и застапување пред надлежните институции за воспоставување на Фонд за животна средина во Република Северна Македонија, како и информирање на јавноста за потребите од Фонд за животна средина и можностите за негово воспоставување во Република Северна Македонија.

Одф Еко свест велат дека ќе се спроведе анализа на можностите за воспоставување на Фонд за животна средина и консултација на наодите со Координативното тело на граѓанските органаизации за соработка со институциите, публикување на анализата спроведена во проектна активност 1, јавна кампања за потребите од фонд за животна средина и активности за застапување кај надлежните институции.

Проектот е со вкупен буџет од 28.515 долари, од кои 22.080 долари се обезбедени од страна на Глобалниот Еколошки Фонд (ГЕФ ПМГ), а остатокот со учество на Здружението на граѓани Центар за истражување и информирање за животна средина Еко-свест, Скопје. Проектот е финансиран од Програмата за мали грантови (ПМГ) на Глобалниот еколошки фонд (ГЕФ) и здружението “Центар за истражување и информирање за животна средина”.