Марка: Анчелоти се враќа во Реал Мадрид

Реал Мадрид неодамна се раздели со Зинедин Зидан, кој немал најдобар однос со претседателот Флорентино Перез, па сега шпанскиот гигант бара замена за Французинот.

Еден од кандидатите за тренерското место е Карло Анчелоти, а „Марка“ пишува дека тој е најголем фаворит за да се врати во гигантот од Мадрид.

Анчелоти во моментов има договор со Евертон, но „кралевите“ би можеле да платат отштета за да го ангажираат и тоа најверојатно не би бил проблем за шпанскиот тим.

Искусниот италијански стратег работеше и во минатото како тренер на „кралевите“, и тоа во период од 2013 до 2015 година, а ги освои Лигата на шампиони, шпанскиот Куп, европскиот Суперкуп и Светското клупско првенство.

Покрај Анчелоти за кормилото на Реал се борат и Раул, Маурицио Покетино и Антонио Конте.