Пендаровски: Вежбата „Одлучен удар 21“ значајна за зајакнување на трансатлантското партнерство

Како држава ќе продолжиме со инвестирањето и развојот на полигонот Криволак кој повеќе не е само наш воен капацитет, туку и капацитет на целата Алијанс, истакна претседателот Стево Пендаровски денеска на армискиот полигон Криволак, на Денот на високи гости на воената вежба „Одлучен удар 21“.

–Во изминатите две недели имавте одлична можност да ја проверите интероперабилноста со неколку НАТО држави. Неспорно е дека покажавте капацитет и способност и за планирање и организирање на големи вежби заедно со другите сојузнички армии, рече претседателот Пендаровски честитајќи им на сите учесници во големата воена вежба.

Тој додаде дека освен што е потврда во воена смисла на капацитетите за спроведување на интегрирани операции, оваа вежба е многу значајна за зајакнување на трансатлатнското партнерство и преку тоа за безбедноста на Европа и на Западниот Балкан.

Во „Одлучен удар 21“  освен припадници на Армијата на САД, учествуваат и претставници на армиите на Бугарија и Грција со што, како што нагласи, „го зајакнуваме билатералното партнерство и со овие наши два соседа и во исто време ја интензивираме регионалната соработка во областа на одбраната и безбедноста”.