Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска од Охрид истакна дека партијата нема да поддржи ниту една отстапка во односите со соседна Бугарија што ќе биде на сметка на националните интереси на македонскиот народ.
Мицкоски упати предупредување до политичарите дека после промената на власта во земјата ќе биде напуштен секој евентуален договор што предвидува остапки, национални концесии на сметка на македонскиот народ.
– Навистина сум шокиран од тоа што и се случува на Македонија, и тоа од соседот кој треба да биде наш најголем поддржувач. Не можев да помислам дека некој некого може да блокира заради прашања од 19 век, денеска и утре да зборуваме за дигитализација, за вештачка интелигенција, роботика. Очекувам од Пендаровски кога ќе се врати од посетата на Рим, во духот на добрите односи прокламирани на последната средба, да ме повика и информира за што разговарал со Радев и на што се должи оптимизмот. Ако оптимизмот се должи на дополнителни национални отстапки, тогаш пораката до Пендаровски и Заев е дека ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи ниту една национална отстапка на грбот на македонскиот народ, изјави денеска лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој во Охрид учествуваше на семинарот „Законодавните политики наспроти економските, политичките и општествените предизвици од 2021 година” во коорганизација на Фондацијата „Конрад Аденауер”.
Мицкоски изрази зачуденост што, како што истакна, наеднаш состојбата станала тензична, барем според зборовите изнесени од премиерот Зоран Заев.