Истражување: Астра Зенека и Фајзер ефикасно штитат од индиската мутација на коронавирусот

Според најновото истражување на Здравствениот институт на Англија вакцините на компаниите Фајзер и Астра Зенека се ефикасни во заштитата на луѓето од индиската мутација на корона вирусот.

Анализата спроведена меѓу 5 април и 16 мај покажа дека вакцините на Фајзер се 88 проценти ефикасни во случај на индискиот вид коронавирус две недели по земањето на втората доза. Од друга страна, против британскиот вид корона вирус, вакцините на Фајзер покажаа ефикасност од 93 проценти.

Научниците ја испитале и ефикасноста на вакцината на Астра Зенека врз индискиот вид коронавирус. Според студијата, Астра Зенека покажала ефикасност од 60 проценти кога станува збор за индискиот вид коронавирус, што е за шест проценти помалку од заштитата што вакцината ја обезбедува од британскиот вид.

Според британски Гардијан, причината поради која постои разлика во ефикасноста меѓу двете вакцини може да биде што на вакцината на Астра Зенека и треба малку подолг период за да достигне максимална ефикасност. После тоа, вакцината, според научниците, обезбедува значително подолга заштита од корона вирусот.