Светска Банка: Загадениот воздух ја чини Македонија 750 милиони долари и 1600 починати

Загадувањето на воздухот и натаму е водечки фактор на ризикот за животната средина придонесувајќи на вкупниот број смртни случаи и инвалидитет во Западен Балкан.Проценетите годишни економски трошоци поврзани со штетите по здравјето предизвикани од ова загадување се запрепастувачки, со просечни 240 милиони долари во Косово (3,6 отсто од БДП), 750 милиони долари во Северна Македонија (6,9 отсто од БДП) и 1,38 милијарди долари во Босна и Херцеговина (8,2 отсто од БДП) во 2016 година, соопшти Светска Банка (СБ).

Како што јави дописникот на МИА од Белград, во соопштението на сајтот на СБ се наведува дека здравствените и економските предизвици од отровните честички со другите загадувачки материи што го деградираат квалитетот на воздухот имаат негативно влијание врз квалитетот на животот на секој поединец во Западен Балкан.

Луѓето што живеат во Сараево, Скопје, Белград и во безброј други градови низ Западен Балкан често дишат воздух што е меѓу најзагадените во светот, особено во текот на зимските месеци, кога загадувачите кои доаѓаат од термоелектраните на јаглен, загревањето на домаќинствата, возилата, индустријата и од други извори го затемнуваат сонцето, ја загадуваат животната средина и создаваат опасни услови за дишење.

Изложувањето на честичките РМ2,5 е особено опасно за здравјето, бидејќи тие може да продрат многу длабоко во белите дробови и во крвотокот. Со 175 смртни случаи на 100.000 жители во 2019 година, Србија е прва на листата по стапки на смртност од загадување во европските земји и се најде на деветтото место на светската листа – повисоко од Индија. Во Босна и Херцеговина се проценува дека секоја година предвремено умираат 3.000 лица како резултат на изложеност на загадување на амбиенталниот воздух со честички РМ 2,5. Оваа проценка за Северна Македонија е 1.600 смртни случаи, а на Косово 760.

Светска бака наведува дека признавајќи ги овие растечки предизвици, лидерите во Западен Балкан амбициозно ја изразија својата намера да работат кон остварување на целта за 2050 година за јаглеродно неутрална Европа преку заедничката декларација од ноември 2020 година, а Светска банка останува посветена во поддршката на оваа цел.

Оваа поддршка вклучува спроведување на проекти за решавање на проблемот со загадувањето на воздухот, врз основа на спроведена анализа за подобро разбирање на проблемот и осмислување на интервенции за зголемување на ефективноста во намалувањето на емисиите, подобрувањето на здравствените исходи и намалувањето на економските влијанија на загадувањето на воздухот, се наведува во соопштението.

Светска банка потсетува дека во последните петнаесет години, има инвестирано повеќе од 250 милиони долари во подобрување на енергетската ефикасност и намалување на загадувањето на воздухот и на емисиите на стакленички гасови низ регионот – вклучително и во иницијативи за намалувањето на вкупната побарувачка за топлина, за замена на застарените котли на дрва и јаглен и за зголемување на користењето на поефикасно осветлување. Проектите во Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и во Србија помогнаа во намалувањето на потрошувачката на енергија и на користењето на фосилните горива во зградите, поттикнувајќи ја енергетската ефикасност и намалувајќи ги локалните и глобалните емисии низ регионот.

Светска банка и понатаму ќе продолжи да им помага на земјите од Западен Балкан во правењето на нивните економии позелени со инвестирање во чисти извори на енергија, помагање на затворањето на рудниците што предизвикуваат големо загадување на еколошки и социјално одговорен начин и со помош во зголемувањето на енергетската ефикасност и на намалувањето на влијанието врз нивните економии.

Оваа работа вклучува и нова студија за одржливоста на загревањето во Босна и Херцеговина, Косово и Северна Македонија дизајнирана да им помогне на властите да утврдат одржливи алтернативи со кои ќе се заменат големите загадувачки системи, истовремено анализирајќи ги реформите на политиките и на регулативата за промовирање на одржливото загревање и за определување на финансиски механизми за помош на секторот домување во транзицијата кон поодржливи можности. Иако претставува предизвик, оваа агенда за намалување на загадувањето и на учеството на јаглеродот во секторот на затоплувањето во земјите има потенцијал да биде една од најефективните и највредните интервенции во оваа сфера.

Натамошното ставање на економиите во Западен Балкан на зелена патека ќе значи дека сите граѓани можат економски да просперираат додека дишат чист воздух и пијат чиста вода што претставува трајна придобивка со која се подобрува начинот на живот и здравјето и се создава одржлив раст кон почиста и поздрава иднина, оценува Светска Банка.