Грција ги отвори границите за македонските граѓани

По една година пауза, македонските граѓани повторно ќе ја посетуваат Грција. Туристичката сезона во земјата почнува од утре, а Грција целосно се отвора за прием на туристи, вклучувајќи ги и македонските.

Стартот на сезоната доцна попладнево официјално го најави грчкиот министер за туризам Теохарис. Под слоганот “Се што ви треба е Грција”, Теохарис ги објави условите под кои ќе биде дозолен влез во земјата.

Македонските граѓани кои планираат да го поминат летниот одмор кај јужниот сосед, ќе мора да поседуваат негативен ПЦР тест за Ковид не постар од 72 часа, која нема да биде потребен за деца под 5 години. Ќе се влегува и со сертификат за ревакцинација, а во Грција ќе можат да ја посетат и оние кои прележале корона, а тоа да можат да го докажат со тест за антитела. Претходно министерот Филипче објави дека околу 20 лаборатории во Македонија ќе имаат акредитација да ги издаваат сертификатите.

Според грчките здравствени протоколи, на граница ќе се признаваат и сертификатите за вакцинирање со руските и кинеските вакцини, иако тие се уште не се одобрени за користење во Европска Унија.

Но, тоа што не се менува е обврската секој патник на ден пред влезот, да мора електронски да го пополни т.н локатор за патници. Во него има детални информации за тоа каде бил влезот во земјата, евентуалната претходна посета во други земји и адресата на престој додека сте во Грција.

Потврда за отворањето на грчките граници за македонските туристи претходно стигна и од премиерот Заев. Тој од Атина ја сподели веста на неговиот ФБ профил, каде што учествуваше на Економскиот Форум „Делфи“.

“Имавме одлична работна средба со премиерот на Грција Мицотакис. Ме извести дека почнувајќи од утре, 14 мај 2021, се отвора граничниот премин Евзони за сите граѓани на Северна Македонија кои имаат негативен ПЦР тест, писмен доказ за примени две дози вакцина против КОВИД-19 или позитивен резултат за антитела”.

На готовс, но подготвени за кревањето на рампите се и на нашиот најфрекфентен и најголем премин со Грција. Од граничниот премин Богородица велат дека ја чекаат официјалната информација и дека се целосно спремни да одговорат на потребите на патниците.

Одлуката за отворањето на Грција нестрпливо ја чекаа и туристичките агенции во земјава, кои беа една од најпогодените дејности од пандемијата.