НУК излезе со нови барања за помош и протоколи за работа

Не секој од нас се мажи – жени или прави свадба за 300 или 500 луѓе. Добар дел од нас прават и мали свадби, веселби, матурски, дипломски и останати роденденски настани во кои учествуваат по 10, 15, 20 и 30 луѓе.

Жива музика, повеќе лица на маса, организирање прослави и во помали објекти… се дел од барањата на угостителите два дена пред Комисијата за заразни болести да одлучува за ново олеснување на мерките што според очекувањата, би опфатило и протоколи за организирање прослави. Очекуваат комисијата в петок да ги земе предвид сите нивни барања.

„Не секој од нас се мажи – жени или прави свадба за 300 или 500 луѓе. Добар дел од нас прават и мали свадби, веселби, матурски, дипломски и останати роденденски настани во кои учествуваат по 10, 15, 20 и 30 луѓе. Таквите настани иако на мала врата во изминатиов период во континуитет се одржувани, мора да постојат правила и процедури со кои ќе се овозможи во сите угостителски објекти да се одржуваат согласно препораки и протоколи за работа кои експертите најавија дека ќе ги изработат.“ изјави Здравко Јосифовски, претседател на НУК.

Јосифовски вели дека поради поединци кои постојано ги прекршуваат протоколите настрадал целиот сектор, и повтори дека државната помош од шесттиот пакет не помогнала доволно, бидејќи не се опфатени оние чија примарна дејност не е угостителството иако и тие биле затворени. За ова барање од Владата беа децинди дека промена во условите нема да има.

„Цела угостителска индустрија заради тие неколку објекти кои може да ги изброиме на прсти настрадавме и го плаќаме нивниот цех. Жално е што фактурата наместо да им ја дадеме нив да ни го платат како загуба и трошоци што ги направивме треба да ја дадеме на Владата, а таа избегнува секаква одговорност да ја плати во целост, ја плаќа парцијално и со крпеници.“ истакна Здравко Јосифовски, претседател на НУК

НУК очекуваат да им се дозволи работа и во затворениот дел на објектите. За тоа промовираа сертификати за безбедна зона. Со тоа што кафулињата и рестораните кои имаат таков сертификат ќе значи и дека задолжително во затворениот дел ќе имаат прочистувач на воздух.