ЕУ предвидува 3,7 проценти економски раст на Македонија

Европската унија предвидува економскиот раст во земјава годинава да биде 3,7 проценти и закрепнувањето да се забрза во текот на годината. Очекувањата се дека следната година растот на економијата би бил 3,8 проценти. Закрепнувањето, според ЕУ, ќе се должи главно на домашната побарувачка, додека надворешниот сектор веројатно нема да придонесе за раст.

Овие прогнози се нешто пониски од оние што во понеделникот ги презентираше Народната банка, според која растот на Бруто-домашниот производ годинава ќе биде 3,9 проценти и исто толкав ќе биде и следната година, а во 2023 година веќе ќе биде 4 проценти. Според макроекономските проекции на централната банка, инфлацијата годинава би била 2,2 проценти што е зголемување во однос на претходната проекција која изнесуваше 1,5 проценти.

Од Делегацијата на Европската унија во Скопје вчера ги оценија како позитивни и владините мерки за финансиска поддршка за исплата на плати кои придонеле загубите на работните места да останат ограничени. Сметаат дека ако годинава продолжи владината поддршка за работодавачите и работниците, тогаш најверојатно вработувањето ќе расте со забрзано темпо.