Се зголемува интересот за вакцинација, граѓаните да се пријавуваат за да добијат термин

Граѓаните да се пријавуваат на веб страницата vakcinacija.mk, заради тоа што тоа е најпрактичниот механизам и начин да се стигне до соодветен термин за вакцина против Ковид-19.

Ова е апелот што вчера го упати министерот за здравство Венко Филипче, кој рече дека вакцинацијата се одвива добро, вакцинирани се околу 110 илјади граѓани од кои 23 илјади се ревакцинирани, а сега се вакцинираат 170 илјади граѓани кои се пријавиле на vakcinacija.mk до 30 април.

– Оние 170 илјади граѓани кои се во прва група до направениот пресек на 30 април, се тие кои сега се вакцинираат, дополнително се пријавени околу 130 илјади граѓани. Од вкупниот број на граѓани кои се пријавени до 30 април, сите веќе добиле или ќе добијат термин до 15 мај. Граѓаните го следат апелот за пријавување на сајтот, а доколку нема нова мутација на вирусот, колективниот имунитет сигурно ќе го стекнеме до крајот на летото, истакна Филипче.

Посочи дека со истата динамика и оваа недела продолжува процесот на вакцинација, односно со вакцинање на околу 10 илјади граѓани на ден во сите пунктови низ државата.

-Се спушта возрасната граница согласно бројот на пријавени и некаде навистина е до 40 години, во некои градови каде што нема доволен број на пријавени постари граѓани. Бројката на вакцинари граѓани над 70 години е некаде околу 33 проценти. Ги повикаме и постарите над 70 години, заради тоа што е таа критична категорија на граѓани која најмногу сакаме да ја заштитиме, додаде министерот.