ЕМА истражува ретки случаи на нарушувања на нервниот систем по вакцинирањето со АстраЗенека

Европскиот медицински регулатор објави дека испитува ретки случаи на нарушувања на нервниот систем кај луѓе кои ја примиле вакцина АстраЗенека, додека властите ширум светот бараат транспарентност за безбедноста на вакцината против „Ковид-19“.

Комитетот за безбедност на Европската агенција за лекови (ЕМА), како дел од редовниот преглед на извештаите за безбедност за вакцината АстраЗенека, ги анализира податоците дадени од компанијата за случаи со синдромот Гилаин-Баре (ГБС).

Зголеменото регулаторно внимание на ретката имунолошка состојба покренува нови прашања во врска со потенцијалните несакани ефекти на вакцините, откако ЕМА минатиот месец откри можна врска помеѓу вакцините АстраЗенека и Џонсон и Џонсон и појавата на многу ретки тромби.

Иако ЕМА објави дека придобивките од ефтините и лесно преносливи вакцини од британско-шведскиот производител во борбата против смртоносната пандемија ги надминуваат сите ризици, неколку европски земји ја ограничија употребата на вакцини за стари лица или целосно престанаа да ги користат.

ЕМА наведе дека GBS е идентификуван како можен несакан настан што треба специјално да се следи при одобрување на вакцината, додавајќи дека од АстраЗенека побарале подетални информации за случајот.

Ретка состојба

GBS е ретка невролошка состојба во која имунитетниот систем ја напаѓа заштитната обвивка на нервните влакна. Повеќето случаи се придружени со бактериска или вирусна инфекција.

Оваа состојба се поврзуваше во минатото со вакцинирањето, најмногу со кампањата за вакцинација за време на избувнувањето на свински грип во САД во 1976 година, а подоцна и со вакцината употребена за време на пандемијата на грип Х1Н1 во 2009 година.

Но, научниците откриле дека шансите за развој на GBS по вакцинирањето се исклучително мали.

ЕМА исто така соопшти дека ги истражува извештаите за воспаление на срцевиот мускул по вакцинирањето со вакцината Фајзер-Бионтек, наречена „Комирнати“ и вакцината на компанијата Модерна.

Европскиот медицински регулатор наведува дека во моментов нема индикации дека овие случаи се последица на примање вакцини.

Двете вакцини користат нова mRNA технологија за да создадат имунитет.

Американскиот центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) минатата недела објави дека не открива поврзаност помеѓу воспалението на срцевиот мускул и вакцината Ковид-19.