Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието поднесуваат Информација за енормното загадување на амбиентниот воздух

Денес во Собранието на Република Македонија на прес конференција пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Драган Данев информираше дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе во Собранието, Информација за енормното загадување на амбиентниот воздух во Република Македонија.

Прес конференцијата ја започна со цитат на министерот Дамјан Манчевски додека бил опозиционер:.

„Прв и најважен чекор за намалувањето на загадувањето е смената на власта. Само нова и одговорна власт може да го намали загадувањето на воздухот. Само нова и одговорна власт може да го подобри квалитетот на живот на граѓаните.“

Почитувани граѓани, нова власт добивме, но одговорна, сигурно НЕ, рече Данев.

Како што истакна тој, заради неспособноста, неработењето и негрижата на актуелната власт, предводена од СДСМ, Република Македонија е во центарот на светските медиуми, посочена како најзагадена земја во Европа и една од најзагадените во светот.

Ситуацијата за овие три години откако таканаречените „спасители“ од СДСМ се на власт е влошена и секоја година, секој ден имаме се поголемо и поголемо загадување на воздухот како никогаш досега, што е потврдено од страна на голем број на меѓународни организации и институции. Светската здравсветна организација и Европската агенција за животна средина ја оценија состојбата во Македонија како крајно алармантна, рече Данев.

Според ВМРО-ДПМНЕ, загрижувачки се и информациите кои кружат во јавноста и во медиумите, дека одредени мерни станици низ државата се исклучени или не функционеираат, а со тоа и граѓаните не можат да се инфрмираат за квалитетот на воздух и случајно или не власта не прави ништо за овие мерни станици да профункционираат.

Изјавите од власта, дека не се пробиени границите на загаденост и дека доколку тие граници се пробијат, ќе мораат да спроведуваат мерки се неискрени, бидејќи гледаме дека нивните мерки се само препораки до граѓаните, да останат дома и да не излегуваат надвор, потенцираше Данев.

Ова е крајно неодговорно и манипулативно!

Информација за енормното загадување на амбиентниот воздух во Република Македонија ја поднесуваме со цел за овој проблем да се дебатира и да се регира, односно да се дефинираат итни мерки кои морат да се превземат за заштитата на здравјето на граѓаните, подобрување на воздухот со крајна цел конечно спречување на загадувањето на воздухот и на разобличивање на неспособноста на власта предводена од СДСМ, заврши Данев.