Зидан не бара алиби во заморот: Можевме да одиграме уште еден меч

Тренерот на Реал Мадрид вели дека противникот бил подобар, но не се сложи со новинарите дека видлив беше замор кај неговите играчи

Зинедин Зидан не се сложи со новинарите по мечот со Челзи, дека неговите играчи биле преморени и изјави дека Реал можел да одигра уште еден меч без прекин.

Кралскиот клуб беше поразен со 2:0 во реванш полуфиналето во Лигата на шампионите, а противникот Челзи беше многу подобар и изгледаше многу посвежо на теренот, па заслужено се пласира во финалето на Лигата на шампионите.

„Челзи беше подобар, имаше повеќе шанси за гол, даде два, иако и ние промашивме неколку изгледни прилики. Не се сложувам дека играчите беа уморни. Ова е полуфинале во Лигата на шампионите и тие беа подготвени да одиграат уште 90 минути. Ни недостасуваше поголем притисок во офанзивата, но среќни сме со ефектот во Лигата на шампионите сезонава. Секако не и со поразот од Челзи, но тиа беа подобри и залсужено ќе играат за пехарот“, изјави Зидан.

Реал Мадрид може да остане без пехар сезонава, но се уште има шанси за титулата во Ла Лига. На четири кола до крајот на шпанското првенство Кралскиот клуб е зад лидерот Атлетико Мадрид и заедно со Барселона заостануваат за два бода.