Во Индија минатата недела имало 46 проценти од вкупно евидентирани нови случаи на Ковид-19 во светот, како и 25 проценти од смртни случаи, објави СЗО.
Големиот пораст на бројот на лица заразени со коронавирус, заедно со повеќе заразната нова варијанта, која за прв пат беше откриена во таа земја, доведе до недостаток на кревети и кислород во индиските болници.
Мртовечниците се преполни, а многумина починаа во амбулантни возила или на паркинзите, чекајќи кревет или кислород, пишува Ројтерс.
Вкупно 5,7 милиони нови случаи на инфекција со коронавирус и над 93 000 смртни случаи беа пријавени ширум светот минатата недела, соопшти Светската здравствена организација во неделниот епидемиолошки извештај.
Индија имала скоро 2,6 милиони нови случаи, што е за 20% повеќе во однос на претходната недела и 23,231 смртни случаи.
Бројките на СЗО се засноваат на официјални податоци, така што ситуацијата во Индија може да биде полоша, како што сметаат многу експерти, бидејќи многу случаи на инфекција или смрт дури и не се пријавуваат поради презатегнатиот систем.
Индија има скоро 18 проценти од светската популација.
Постојат знаци дека инфекцијата од Индија се шири на нејзините соседи. Минатата недела Непал имаше 137% пораст на бројот на случаи, а бројките растат и во Шри Ланка.
Во вторникот, Индија стана втора земја во светот што ја надмина бројката од 20 милиони заразени од почетокот на пандемијата, по САД.