Словенците ги зголемија заштедите, во банките чуваат 23 милијарди евра

Средствата на словенечките домаќинства на депозитни сметки во банките се зголемија за над две милијарди евра на рекордни 23 милијарди евра во пандемиската 2020 година во споредба со претходната година, објави Банката на Словенија.

Овој раст се припишува на мерките на пазарот на трудот преземени за време на пандемијата, кои овозможија зголемување на платите, но и на затворањето на многу продавници, поради што не беа потрошени поголемиот дел од приходите на домаќинствата.

Минатата година, бруто расположивиот приход на домаќинствата во Словенија се зголеми за 3,8 проценти или 1,1 милијарда евра во споредба со 2019 година, пренесува агенцијата СТА.

– Иако домаќинствата имаа на располагање повеќе средства, приватната потрошувачка во Словенија нагло падна, како и во сите други членки на еврозоната. Причините за тоа главно се поврзани со ограничувачките мерки потребни за сузбивање на ширењето на вирусот и делумно со претпазливото однесување на на граѓаните – велат од Централната банка на Словенија.

Бидејќи многу услуги беа барем делумно ограничени за време на заклучувањето, а многу продавници за неегзистенцијални производи беа затворени, домаќинствата лани потрошија околу 2,6 милијарди евра помалку отколку во 2019 година.

Според Банката на Словенија, домаќинствата во најголем дел ги претвориле своите приходи во заштеди, зголемувајќи ја стапката на заштеди за скоро 11,7 поени на 25 проценти.

Централната банка минатата година регистрираше уште еден тренд – нешто пониска побарувачка за потрошувачки кредити. Износот на тие заеми одобрени од банките и штедилниците падна во Словенија минатата година за 218 милиони евра, според СТА.