Верати: Кујперс ме навреди, ако јас ги употребам тие зборови ќе добијам 10 меча суспензија

Марко Верати беше еден од најнервозните играчи во редовите на ПСЖ и беше најблиску до втор црвен картон во редовите на гостинскиот тим, но сепак италијанскиот фудбалер го доигра цел меч на „Итихад“ и ги одработи своите должности кон медиумите.

Верати даваше изјави за неколку медиумски куќи, па откако изјави дека ПСЖ играл подобар фудбал од Сити на двата натпревари, се огласи и на темата која стана најкоментирана во таборот на поразениот тим во полуфиналето во Лигата на шампионите.

Андер Ерера прв откри дека судијата Кујперс испратил навредливи зборови кон играчите на ПСЖ кои доста често протестираа за неговите одлуки, а Верати бил еден од оние кои добил директна навреда од искусниот Холанѓанец.

– Судијата Кујперс неколку пати ни порача „е..те се“, ми порача и мене. Ако јас ги искористам истите тие зборови, ќе ме суспендираат 10 натпревари. Секако дека зборувам многу и протестирам кај судиите, но никогаш не зборувам со потценување и не сум кажал „е.и се“.